Мијалков, Заев и другите да не се радуваат предвреме: Европа и Судот во Стразбур имаат примери за застарени дела - Единствена Македонија бара ретроактивен кривичен законик


15.11.2026 | 14:44:10 | Соопштенија


Мијалков, Заев и другите да не се радуваат предвреме: Европа и Судот во Стразбур имаат примери за застарени дела - Единствена Македонија бара ретроактивен кривичен законик

Единствена Македонија реагира на најавите дека новиот Кривичен законик ќе предвидува повисоки казни за корупцијата и криминалот, но нема да има ретроактивно дејство.

Сметаме дека ваквиот пристап е недоволен. Не може да се најавува бескомпромисна борба против корупцијата, а истовремено да се остават недопрени оние кои со години ја ограбуваа Македонија.

Со измените на Кривичниот законик од 2023 година, преку намалувањето на казните и скратувањето на роковите за застарување, дел од најголемите криминални случаи останаа без можност за гонење. Така, денес, за случаи поврзани со Сашо Мијалков, Зоран Заев и други поранешни функционери, застарувањето претставува сериозна пречка за утврдување одговорност.

Затоа, Единствена Македонија бара да се разгледа можноста за ретроактивно дејство и надминување на последиците од измените во 2023 година. Притоа, мора сериозно да се анализираат искуствата на европските држави, меѓу кои случаите во Чешка и Германија, како и практиката на Европскиот суд за човекови права во Стразбур во однос на тоа како го решаваат случајот со домашната уставна забрана за повратно дејство на законите и исклучоците кога се штити владеењето на правото и кога треба да се спречи вештачката неказнивост со законските промени на роковите за застареност. Значи, постоjат европски случаи на повратно важење на законите во однос на роковите за застареност. Во секое зло, добро!

Не е доволно да се зголемуваат казните за оние што допрва ќе вршат криминал. Мора да се бара законски и уставно одржлив начин за одговорност и на оние кои веќе ја ограбија државата.

Македонија не смее да стане држава во која за ситниот криминал има казни, а за милионскиот грабеж има застарување!

Единствена Македонија - правдата мора да важи за сите!

Центар за комуникации на Единствена Македонија
Скопје, недела, 15 ноември 2026 година.