Ако ја изгубиме Македонија, што ќе ни вреди сè друго – Бачев со остра порака за 23 Октомври


23.10.2026 | 16:14:30 | Соопштенија


Ако ја изгубиме Македонија, што ќе ни вреди сè друго – Бачев со остра порака за 23 Октомври
Честитка, Единствена Македонија
проф. д-р Јанко Бачев претседател на Единствена Македонија
Скопје, петок, 23 октомври 2026 година
Во мое лично име и во името на Единствена Македонија, на македонскиот народ и на сите државјани на Република Македонија, упатувам искрени честитки по повод 23 Октомври - Денот на македонската револуционерна борба.
Овој ден е длабоко врежан во колективната меморија на македонскиот народ. На 23 октомври, пред 133 години, шестмина храбри Македонци - Христо Татарчев, Дамјан Груев, Петар Поп Арсов, Христо Батанџиев, Иван Хаџи Николов и Андон Димитров ја основаа најсилната револуционерна организација во нашата историја. 
Кај нив се роди идејата за остварување на вековната стремеж на македонскиот народ - создавање на сопствена држава. Тие беа свесни дека патот до таа цел ќе биде тежок, но не се поколебаа. Тие ја создадоа идејата, идејата ја роди организацијата, а организацијата го создаде делото - самостојна, суверена и слободна Република Македонија.
Денес, Републиката повторно е исправена пред сериозен предизвик. Непријателите на македонското дело се обидуваат да избришат сè што е македонско - името, идентитетот, историјата и традицијата.
Сега е време оваа генерација Македонци да застане во одбрана на својата држава и да го спречи новиот облик на геноцид - духовен и идентитетски.
Често слушам дека луѓето се исплашени - за работното место, за социјалната помош, за лиценците, за пакетите со храна. Но, ако ја изгубиме државата и утре се разбудиме во некоја туѓа држава - бугарска, албанска или било каква, зарем тогаш нема да се плашиме уште повеќе? Тогаш стравот ќе биде поголем, затоа што нема да бидеме свои на своето.
И нашите револуционери можеа да се исплашат и да останат дома. Но ако го направеа тоа - немаше да постои Македонија. Затоа, време е да станеме и да кажеме гласно: Ова е наша држава! Ние одлучуваме!
Во името на нашите предци и потомци, треба да си ја вратиме државата и гордо да можеме да кажеме: „Јас бев дел од таа генерација Македонци што ја зачува Македонија!“
Ние веруваме дека ќе победиме во оваа битка како што победувале и нашите предци. Тие имаа јасна кауза и се бореа сплотено. Таа кауза и денес е жива во нас. Потребна е единственост и верба, затоа што нашата борба е праведна, а заветот што ни го оставија претците е света работа.
Македонија мора да победи. И ќе победи.
Единствена Македонија, која ги црпи своите корени од историското ВМРО, никогаш нема да ја предаде пролеаната крв на илјадниците вмровци кои се жртвуваа за нашата татковина.

Да живее македонскиот народ!
Да живеат државјаните на Република Македонија!
Да живее Република Македонија! преобрази текст
Центар за комуникации на Единствена Македонија
Скопје, петок, 23 октомбври 2026 година.