13 август е тажен ден кој Македонија не го слави - Што навистина има да се слави?


13.08.2026 | 13:26:20 | Соопштенија


13 август е тажен ден кој Македонија не го слави - Што навистина има да се слави?

13 август 2001 година е тажен ден за Македонија и останува еден од најтешките и најконтроверзните датуми во поновата македонска историја. На овој ден беше потпишан Охридскиот рамковен договор, документ кој суштински го промени политичкиот и уставниот концепт на државата.

Од тој момент, Македонија започна да се гради врз концепт на заедници наместо врз концептот на национална држава со еднакви права и обврски за сите граѓани. Притоа, Македонците останаа единствениот народ во државата кој нема своја матична национална држава.

Иако на Рамковниот договор често му се припишува историско значење, начинот на кој се одбележува неговата годишнина покажува дека тој не е ден кој кај македонскиот народ се доживува како повод за прослава. На 13 август нема масовни народни чествувања, нема радост и нема чувство на национална гордост. Наместо тоа, остануваат поделбите, прашањата и горчината за последиците од договорот.

Затоа оправдано се поставува прашањето: што навистина има да се слави?

За голем дел од македонската јавност, Рамковниот договор претставува пресвртница со која Македонија се оддалечи од концептот на држава изградена врз националната државност и почитувањето на малцинските права согласно меѓународните стандарди.

Неговите последици и денес се присутни во политичкиот и општествениот живот, а за македонската национална свест тој останува длабока историска траума.

Затоа, сите патриотски и државотворни сили треба да се залагаат за преиспитување на последиците од Рамковниот договор и за враќање на Македонија кон изворните илинденски и асномски принципи - принципи на суверена, самостојна и државотворна Македонија.

Единствена Македонија останува јасна и недвосмислена: во политиката сме за да се спротивставиме на сите договори и решенија кои ги сметаме за штетни за македонскиот народ и македонската држава.

Македонија е нашата татковина и нашиот дом. А за сопствениот дом се бориме, го чуваме и го браниме. Така ќе се бориме и за македонскиот народ, за државата и за нејзината иднина.

Центар за комуникации на Единствена Македонија
Скопје, Четврток 13 август 2026 година.