Единствена Македонија со предлог што ја менува играта - Електронско гласање за сите, а пари за сите или за никој


06.07.2026 | 15:51:13 | Соопштенија


Единствена Македонија со предлог што ја менува играта - Електронско гласање за сите, а пари за сите или за никој

Единствена Македонија, во екот на дебатата за измените на Изборниот законик, предлага компромисно решение за електронското гласање и ги повикува ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ да го поддржат моделот на целосно електронско гласање, како за македонските државјани во странство, така и за гласачите во земјата.

Од партијата сметаат дека доколку се воспоставува систем за електронско гласање за дијаспората, истиот може да се примени и за домашните избирачи.

„Ниската излезност на изборите го намалува легитимитетот и кредибилитетот на изборниот процес. Електронското гласање од дома ќе овозможи поголема излезност и полесен пристап до избирачкото право“, наведуваат од Единствена Македонија.

Според партијата, ваквиот модел веќе функционира во повеќе европски држави, меѓу кои и земји-членки на Европската Унија, како и во Швајцарија, поради што сметаат дека Македонија треба да ги следи добрите меѓународни практики.

Во однос на државното финансирање на изборните кампањи, Единствена Македонија го повторува ставот дека актуелните несогласувања меѓу парламентарните партии се „режирана претстава“, тврдејќи дека зад сцената веќе е постигнат договор за распределбата на буџетските средства.

На следните вонредни парламентарни избори во пролет 2027 година, формулата за распределба на буџетските средства е веќе договорена:ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ВЛЕН добиваат по околу 800.000 евра , Левица и ЗНАМ околу 300.000 евра и останатите парламентарни партии без пратеничка група околу 200.000 евра. Сите, се задоволни во заднина, додека јавно гледаме божемни расправии. Вонпарламентарните партии се исклучени од државното финансирање, со што, де факто, се укинува нивното политичко делување, иако станува збор за буџетски средства на сите граѓани.

Според Единствена Македонија, ваквиот модел создава нерамноправни услови и ја ограничува политичката конкуренција, бидејќи средствата потекнуваат од Буџетот, односно од сите граѓани.

Партијата предлага две можни решенија: еднакво државно финансирање и за парламентарните и за вонпарламентарните партии или целосно укинување на сегашниот модел на финансирање.

„Пари за избори - за сите или за никој“, порачуваат од Единствена Македонија.

Центар за комуникации на Единствена Македонија
Скопје, понеделник, 6 јули 2026 година