Кацарска и уставните судии противуставно против пензионерите - Зголемувањето на пензиите во Македонија е социјална а не економска категорија


24.11.2025 | 11:13:46 | Соопштенија


Кацарска и уставните судии противуставно против пензионерите - Зголемувањето на пензиите во Македонија е социјална а не економска категорија

Единствена Македонија изразува изненаденост од непознавањето на уставната проблематика од страна на Добрила Кацарска како судија-известител, како и на останатите судии во Уставниот суд кои поведоа постапка за уставна оценка на „линеарното зголемување“ на пензиите.

Со ваквото нестручно постапување се потврдуваат јавно изнесените сомнежи дека во Уставниот суд судиите често се поставуваат по разни „линии“, а многу помалку според знаење, способност и достигнувања.

Судот изразува сомнеж за наводно нарушување на правото на сопственост, социјалната праведност и еднаквост, како и за можност од дискриминација меѓу пензионерите. Меѓутоа, овие забелешки се однесуваат на недозволивото процентуално зголемување на пензиите. Линеарното зголемување, кое сега се оспорува, токму ги отстранува овие сомнежи, бидејќи сите пензионери добиваат еднаков пораст на примањата.

За споредба: со процентуално зголемување, се привилегираат пензионерите со највисоки пензии. На пример, ако зголемувањето е 6%, пензија од 60.000 денари се зголемува за 3.600 денари, а пензија од 15.000 денари само за 900 денари. Со линеарното зголемување, пак, сите добиваат исто, на пример 3.000 денари, без разлика на висината на пензијата.

Важно е да се напомене дека при одењето во пензија веќе е вреднуван минатиот труд на секој пензионер. Некој заминува во пензија со 60.000 денари, а некој со 15.000 денари, зависно од работниот стаж и висината на уплатените придонеси. Овие разлики се сосема оправдани и не се спорни.

Откако ќе се замине во пензија, сите се еднакви - без разлика дали биле функционери, професори, судии, службеници, работници или земјоделци. Сите имаат статус на пензионери и се работно неактивни.

И најбитно. Во изминатите 35 години во самостојна и демократска Македонија, клучната ставка во пензискиот фонд е приливот од буџетот. Тоа значи дека секоја македонска влада, кога одлучува за зголемување на пензиите, префрла средства од буџетот во пензиската каса. Бидејќи се работи за буџетски пари, зголемувањето на пензиите треба да биде линеарно и еднакво за сите пензионери, бидејќи буџетот го полнат сите граѓани.

Зголемување на пензиите во Макеоднија е социјална а не економска категорија.

Единствена Македонија очекува да проработи совеста кај уставните судии кога ќе гласаат за (не)укинување на линеарното зголемување на пензиите.

Во ова тешко време, најголемиот дел од 330.000 пензионери едвај преживуваат. Пензионерите кои ја граделе оваа држава заслужуваат достоинствена старост, а не борба за опстанок.

Центар за комуникации на Единствена Македонија
Скопје, понеделник, 24 ноември 2025 година