Има ли некој нормален во Уставниот суд - По предлог на Кацарска постапка за пензионерите што никој разумен не би ја покренал


23.11.2025 | 15:50:19 | Колумни


Има ли некој нормален во Уставниот суд - По предлог на Кацарска постапка за пензионерите што никој разумен не би ја покренал

Колумна, Единствена Македонија 
проф. д-р Јанко Бачев, претседател на Единствена Македонија
Недела, 23 ноември 2025 година

Прочитав нешто во две објави од Уставниот суд - првата за поведување постапка за оспорување на член 2 од Законот за пензиско осигурување, со што практично се доведува во прашање линеарното зголемување на пензиите, и втората, во која Судот ја брани судијката-известител Добрила Кацарска од јавните критики велејќи дека Кацарска не е партиска судијка, туку судијка со интегритет, самостојност и независност. Морам да напоменам дека ова само ги потврди моите досегашни ставови дека во Уставниот суд се поставувале кадри по разни „линии“, а многу помалку според знаење, способност и достигнување.

Во првата објава Судот наведува дека постои сомнеж за нарушување на правото на сопственост, социјална праведност и еднаквост, како и за можност од дискриминација меѓу пензионерите. Притоа се повикува и на стандарди на Европскиот суд за човекови права, според кои различниот третман е дискриминирачки ако нема „објективно и разумно оправдување“ и „пропорционалност помеѓу употребените средства и целта“.

Но, токму ваквите забелешки повеќе се однесуваат на недозволивото „процентуално зголемување“ на пензиите. А со „линеарното зголемување“ кое сега се оспорува - овие сомнежи се отстрануваат, бидејќи сите пензионери добиваат еднаков пораст на примањата.

Еве ги фактите:

1. Процентуалното зголемување ги привилегира пензионерите со највисоки пензии. Ако зголемувањето е 6%, пензија од 60.000 денари се зголемува за 3.600 денари, а пензија од 15.000 за само 900 денари. Мала група на пензионери добива најмногу, на сметка на најголемиот број од 330.000 пензионери.

2. Линеарното зголемување обезбедува еднаквост. При еднакво зголемување, на пример 3.000 денари - сите пензионери добиваат исто.

Важно, при самото пензионирање веќе е вреднуван целиот работен стаж, висината на уплатените придонеси и минатиот труд, со што, некој заминува во пензија со 60.000 денари, а некој со 15.000 денари пензија бидејќи на висината на пензијата влијае работниот стаж и висината на уплатените придонеси.

Дотука се е во ред. Овие разлики во пензиите не се спорни.

Меѓутоа, откако лицето станува пензионер, тогаш сите се еднакви без разлика дали некој бил функционер, професор, судија, службеник, работник, земјоделец...

Сите се во ист статус на пензионер, во мирување, работно неактивни и со еднаква социјална положба.

Важно, веќе 35 години во самостојна и демократска Македонија, најкрупната ставка во пензискиот фонд се дотациите од државниот буџет. Односно, секое зголемување на пензиите се врши со буџетски пари. Затоа е нелогично Судот да тврди дека буџетските средства треба да се распределуваат според поранешните придонеси или стажот, кога пензионерите веќе еднаш добиле пензии пресметани врз тие основи.

Буџетот на Република Македонија од кој се даваат средства за зголемување на пензиите го полнат сите граѓани.

Особено е чудно образложението на судот дека со линеарното зголемување се ограничувало правото на сопственост. Како може да се зборува за „стекнување сопственост“ преку процентуално зголемување финансирано со буџетски средства на сите граѓани, и тоа во корист на мал број пензионери, додека мнозинството добива минимални износи?

Во втората објава Судот тврди дека судијката Кацарска била неоправдано нападната и дека таа била пример за интегритет, самостојност и независност. Но, по ваквите аргументи и јавни настапи на Судот, човек навистина не знае дали да се смее или да плаче. Реалноста е дека граѓаните со право се прашуваат дали има некој нормален во Уставниот суд?

Како и да е, што може да се очекува од еден Уставен суд кога сите уставни судии се дојдени во овој суд по линиии кои немаат никаква врска со знаење, способност и достигнување.

Цела Македонија знае дека Добрила Кацарска дојде во Уставниот суд преку непристоен и срамен пазар - наменска осуда на лицата за 27 април во замена за функција во Уставниот суд. 

Цела Македонија знае дека марионетата Зоран Заев ја испорача ветената награда до Добрила Кацарска со претседателско место во Уставниот суд за успешно завршената работа за наменската осуда на македонските патриоти како што се Вилијам Михајловски Гајда и останатите за 27 април на затворска казна од два века затвор.

Иборот на Кацарска за судијка во Уставниот суд ја потврдува и поразителната вистина дека Македонија се држи на линијата на темното минато кога за нарачани судски одлуки следувала награда за судски функции.

Конечно, се надевам дека барем совеста ќе проработи кај уставните судии кога ќе гласаат за (не)укинувањето на линеарното зголемување на пензиите.

Во ова тешко време најголемиот дел од 330.000 пензионери едвај преживуваат. Пензионерите кои ја граделе оваа држава заслужуваат достоинствена старост, а не борба за опстанок.