Изборите никогаш не биле фер и демократски - може да зборуваме само дали биле законски или незаконски


19.11.2025 | 21:48:00 | Колумни


Изборите никогаш не биле фер и демократски - може да зборуваме само дали биле законски или незаконски

Колумна, Единствена Македонија
проф. д-р Јанко Бачев, претседаел на Единствена Македонија
Скопје, вторник, 19 ноември 2025 година

Локалните избори во Македонија за 2025 година завршија. Како и секогаш, домашни и странски набљудувачи (ОБСЕ/ОДИХР) излегоа со својата добор позната оценка: изборите биле „фер и демократски“.

Но дали тоа навистина е точно?

Веднаш да кажам дека историјата покажува дека изборите во Македонија никогаш не биле фер и демократски. Можеме да зборуваме само дали се спроведуваат законски или незаконски - никако за еднакви услови за сите учесници.

Две работи го објаснуваат ова: медиумското претставување на кандидатите и државното финансирање на партиите. Тоа одредува кој ќе биде видлив пред бирачите и кој ќе има средства да ја води својата кампања.

За жал, токму овие механизми триесет години ги користат само ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ за да создадат систем на дискриминација а во своја корист на изборите.

Според Уставот и законот, сите партии се еднакви. Но во пракса, некои се „поеднакви“ од другите.

Еве ги фактите. На последните избори, времето кое медиумите го посветија на кандидатите беше следното:

Коалицијата „Твоја Македонија“ (ВМРО-ДПМНЕ) - 189 часа, Коалицијата „Национална алијанса за интеграција“ (ДУИ) - 119 часа, Коалицијата предводена од СДСМ - 109 часа, Коалицијата „Влен“ - 76 часа.

Од друга страна, Единствена Македонија која настапи самостојно со 29 кандидатски листи - 0 (и со зборови: нула) минути на медиумите за време на кампањата.

Исто така, државното финансирање создава уште поголема предност. На ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ВЛЕН, според Изборниот законик кои си го напишаа им беа определени околу 5,4 милиони евра од буџетот за медиумска кампања.

Единствена Македонија, пак, не доби ниту денар.

Дури и на денот на изборите, нееднаквоста е очигледна. ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ делегираат набљудувачи во сите 3.600 избирачки места, за кои добиваат дневница од буџетот.

Единствена Македонија може да делегира набљудувачи на кутиите, но, само ако плати околу 300 илјади евра од сопствени средства.

Да резимирам, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и Влен во 20-дневната изборна кампања добија: 560 часа медиумско време, 5,4 милиони евра државни средства, платени набљудувачи на кутиите.

Единствена Македонија: 0 минути медиумско време, 0 денари државно финансирање, 0 денари за набљудувачи.

При вакви услови, како овие избори можат да се наречат „фер и демократски“?

Решението е едноставно: промена на Изборниот законик и еднаквост на сите учесници во изборната кампања. Само така гласачите ќе можат да се запознаат со сите кандидати па нека си гласаат по сопствено убедување.

Но, тука постои едно големо „ама“ без политичка волја од оние кои ја имаат моќта за промена на Изборниот законик, законот ќе си остане инструмент на привилегиите, а не на праведноста и демократичноста. Дотогаш, изборите во Македонија ќе останат формални, но не и вистински демократски.