Единствена Македонија: За партии важат потписи а независните сакаат на избори без ниту еден потпис


17.08.2025 | 17:55:35 | Соопштенија


Единствена Македонија: За партии важат потписи а независните сакаат на избори без ниту еден потпис

Единствена Македонија изразува вчудоневиденост од денешната изјава на „Зелен хуман град“ дека и новото законско решение, според кое за учество на избори независните листи треба да обезбедат потписи во висина од 0,50 отсто од избирачите, не е прифатливо.

Со тоа, „паднаа маските“ и се открија вистинските намери на т.н. независни групации- да настапуваат на избори без ниту еден потпис.

Претходно, овие групи изнесуваа спорни и произволни податоци дека во други држави независните кандидати учествуваат со 20 или 50 потписи. Но, ако навистина се повикуваат на демократија, нивните барања се спротивни на самите демократски принципи, бидејќи демократскиот процес бара сите учесници да имаат еднакви услови.

Партиите на секои четири години обезбедуваат потписи за регистрација, а независните бараат да настапуваат без никаква поддршка од граѓаните. Со која логика едните треба да собираат потписи, а другите не, кога и едните и другите имаат истата цел - да ја освојат власт, било локална или централна.

Истовремено, ја поздравуваме одлуката на „Зелен хуман град“ да формираат партија. Нека си основаат политички субјект, нека учествуваат на избори, па ќе се натпреваруваме под исти услови.

Единствена Македонија нагласува дека правото на граѓаните да се кандидираат е уставно загарантирано, но мора да важи принципот на еднаквост. Доколку независните листи бидат пуштени на избори без потписи, тоа ќе претставува тешка дискриминација во изборниот процес.

Центар за комуникации на Единствена Македонија
Скопје, недела, 17 август 2025 година.