Единствена Македонија бара собраниска расправа за Карпалак - Постојат документи, но нема истрага


08.08.2025 | 15:42:46 | Соопштенија


Единствена Македонија бара собраниска расправа за Карпалак - Постојат документи, но нема истрага

По повод денешното одбележување на 24 години од трагедијата кај Карпалак, Единствена Македонија повторно повикува - време е конечно да се каже вистината.

Две децении подоцна, Карпалак останува мистерија. Ниту еден државен орган не спроведе целосна истрага за да утврди што навистина се случи со загинувањето на македонските бранители.

Во архивите на Службата за државна безбедност постојат два оперативни документа што укажуваат дека трагедијата можела да се избегне, доколку некој не пропуштил да ги преземе службените мерки за заштита на конвојот. Сознанија имало, но ништо не било преземено.

Единствена Македонија повикува кој било од 120-те пратеници, како овластен предлагач според Уставот и Деловникот, да побара на собраниска седница расправа за испитување на настаните кај Карпалак. Нашата партија е подготвена да учествува и да ги презентира клучните податоци со кои располага.

Веруваме дека ќе се најде пратеник кој ќе иницира дебата во парламентот за овој случај, во кој македонските бранители беа пратени во заседа и ги дадоа своите животи бранејќи го територијалниот интегритет и суверенитет на државата.

Случајот Карпалак е прашање од национален интерес - не само за семејствата и роднините на загинатите, туку и за цела Македонија. Не можеме да чекориме напред, ако минатото продолжува да нè прогонува и трагичната загуба останува неразјаснета.

Единствена Македонија нема да заборави и до крај ќе се залага да се утврди вистината - како, од кого и зошто бранителите беа пратени во заседа.

Загинаа за одбрана на Македонија-Вечна слава на хероите:

Нане Наумоски (48), Сашо Китаноски (39), Бранко Секулоски (42), Горан Миноски (29), Марко Деспотоски (27), Ердован Шабаноски (20), Љубе Грујоски (31), Дарко Велјаноски (27), Веби Рушитоски (26) и Пеце Секулоски (29), кои ги положија животите кај Карпалак на 8 август 2001 година.

Центар за комуникации на Единствена Македонија
Скопје, петок, 08 август 2025 година