Рамковниот договор - 20 години потоа


14.08.2021 | 15:25:00 | Колумни


Рамковниот договор - 20 години потоа

Веб колумна, Единствена Македонија
проф. д-р Јанко Бачев претседател на Единствена Македонија
Скопје, сабота, 14 август 2021 година

Пред 20 години, на 13 август е потпишан предавничкиот рамковен договор, попознат како Охридски договор, иако според мене, несоодветно, оти охриѓани не може да се сметаат за предавници.

Договорот и понатаму останува длабоко трауматичен за македонската национална свет оти ја сведе Македонија на збирштина од заедници, од кои само Македонците останаа без своја национална држава, за разлика од другите заедници кои имаат матични национални држави.

Ова се воглавно познати работи и затоа во текстот се осврнувам на практичната страна, сметајќи дека може да биде корисен само ако биде и доволно практичен.

Едно е јасно. И после 20 години партиите на албанскот малцинство постојано се жалат за неспроведување на договорот. Но, да видиме како стојат работите преку една анализа во најмалку пет точки:

Прво, Албанците се жалат на недоволна правична застапеност во администрацијата заради достигнувањето на официјалната бројка од 25,17 отсто Албанци во администрацијата.

Меѓутоа, бројот на Албанците во некои институции надмина и 50 отсто, и ова е флагрантно излегување вон рамката на договорот во корист на Албанците.

Еве неколку шокантни податоци за застапеноста на Албанците.

Во македонската влада од 2.722 вработени, внимавајте добро, Албанци се 1.535 или 56,4 отсто, Македонци се 672 или 24,7 отсто, а 515 вработени или 18,9 отсто се Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци и други.

Слична е состојбата и во некои министерства. Во министерството за локална самоуправа дури 57 отсто се административци - Албанци, во министерството за економија 34 отсто, во министерството за животна средина и просторно планирање 30 отсто, во министерството за здравство 44 отсто, во министерството за култура 33 отсто, во министерството за образование и наука 28 отсто, додека, пак, во министерството за правда нивната застапеност е 30 проценти...

Со оглед на просторот, да не ги набројувам поединечно во стотиците втори и трети ешалони. Со еден збор да кажам дека од 30 до 70 отсто се административци - Албанци во повеќе самостојни државни органи (агенции, дирекции, комисии, заводи), потоа, во западниот дел во земјата во голем број посебни јавни установи и други правни лица, казнено поправни и воспитно поправни уставнови, јавни претпријатија, центри за социјална работа, правосудството, единици на локална самоуправа, установи од јавното здравство, јавни културни установи, библиотеки, театри, музеи, основно, средно и високо образование,  фондови...

Дотолку повеќе, процентот од 25,17 отсто Албанци се темели на фалсификуваниот попис од 2002 година заради што поднесовме кривична до Државното обвинителство на 24 септември 2009 година, која за жал, сеуште е закочена во обинителските фиоки. Од приложените факти и докази кон оваа кривична пријава, јасно се гледа дека албанското малцинство во државата е околу 15 отсто од населението. Со оглед на просторот, еве само еден детал од кривичната пријава. Имено, споредбените податоци за периодот од претпоследниот попис од 1994 година, до последниот попис во 2002 година, значи за период од осум години, јасно го покажуваат фалсификуваниот попис од 2002 година. Така, од 86.615 лица, колку што е зголемено населението во земјата за периодот 1994 - 2002 година, дури 67.979 се Албанци, а, внимавајте добро, само 2.000 се Македонци, плус 16.636 од другите малцински групи. Овие податоци за секој во државата би требало да побудат сериозно сомнение, бидејќи произлегува дека во периодот од 1994 до 2002 година, годишно се раѓале по 8.500 деца од албанска етничка припадност, а, внимавајте повторно, само 250 деца од македонска припадност. Или, во сооднос, на едно родено македонско дете се раѓале дури 34 албански деца, што е надвор од здравиот разум!!!

Второ, развој на децентрализирана власт, зајакнување на овластувањата на локалните претставници и зголемување на нивните надлежности во согласност со Уставот и Европската повелба за локална самоуправа, пред се, во областите на јавните услуги, урбаното и руралното планирање, заштитата на животната средина, локалниот економски развој, културата, локалните функции, образованието, социјалната и здравствената заштита, ревидирање на општинските граници и локалните полициски началници да ги избираат општините.

Оваа рамковна обврска е целосно исполнета. Дури, и повеќе, бидејќи рамковната обврска за ревидирање на општинските граници не подразбира сите општини во западниот дел од земјата да станат доминантно албански, и сите полициски началници во западниот дел од земјата да бидат Албанци. Спротивно на рамковата спогодба, за Македонците во општините со доминантно албанско население не важи начелото на правична застапеност при вработување или добивање на раководни места во локалните јавни тела.

Трето, посебните собраниски процедури, односно, на централно ниво, уставните амандмани, Законот за локална самоуправа, како и законите кои ги засегаат културата, јазикот, образованието, личните документи, симболите, локалните избори, локалното финансирање, Градот Скопје, општинските граници, да се донесуваат со мнозинство гласови и од пратениците кои тврдат дека припаѓаат на заедниците кои не се мнозинско население во Македонија.

Оваа рамковна обврска целосно се исполнува.

Четврто, образованието и употреба на јазиците, односно, наставата во основното и средно образование да се изведува на мајчин (албански) јазик, обврска за финансирање од државата за високото образование на албански јазик, албанскиот јазик како службен јазик и во кривични и граѓански судски постапки право на превод на државен трошок и лични документи  издадени на албански јазик.

Оваа рамковна обврска целосно се исполнува. Дури, и повеќе од пропишаното, бидејќи, наместо еден, Албанците добија три универзитети на буџетски трошок. А сега со најновите промени врз основа на т.н. тиранска платформа земјата стана јазична федерација како преодна етапа и за територијална федерација.

Петто, изразување на идентитетот, односно, непосредно до симболот на Република Македонија, право на локалните албански власти на предната страна од локалните јавни објекти да постават симболи со кои се одбележува нивниот идентитет што е мнозинство во општината.

Оваа рамковна обврска целосно се исполнува, но, редовно се прекршува од Албанците со изоставувањето на симболите на Републиока Македонија.

Од севкупно кажаното се поставува прашањето, за кое неспроведување на рамковниот договор зборува албанското малцинство во државата. Иронијата да биде поголема, произлегува дека Македонија е уникатен пример, каде мнозинскиот македонски народ е изложен на дискриманција од страна на едно малцинство, во случајов албанското. 

Во овој контекст, не треба да се заборави дека во моментот нема ниту едно раселено албанско семејство во Македонија, додека, македонски семејства, и по 18 години од рамковниот договор, сеуште се раселени во својата матична татковина.

Конечно, како да се земе фактот, замислете, во Владата на Република Македонија 56,4 отсто се вработени-Албанци, а 24,7 отсто се вработени-Македонци. Основано може да се изведе аргументот дека рамковниот договор се спроведува на штета на Македонците.

Збор-два и за иднината на договорот. За Единствена Македонија договорот е капитулантски, неприфатлив и во дадени променети геополитички околности на домашен терен и во регионот, ќе биде поништен. Се разбира, доколку на следните избори дојде довербата за политички сили со јасна определба за поништување на штетните договори против македонскиот народ и македонската држава. Затоа, македонскиот народ на следните парламентарни избори, кога и да се одржат, нема повеќе право на грешка!