За која масовност зборуваат ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ кога на нивните митинзи беа само нивните клиенти


29.12.2019 | 19:40:51 | Колумни


За која масовност зборуваат ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ кога на нивните митинзи беа само нивните клиенти

Колумна, „Портал Дудинка“, вторник, 24 декември 2019, проф д-р Јанко Бачев

Слушнав нешто за големите фалби на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ дека направиле големи собири во салите „Борис Трајковски“ и „Јане Сандански“ чиј капацитет за народни собири е околу 9.000, односно 7.000 посетители.

За партии кои 30 години се менуваат на власт оваа посетеност е катастрофално ниска. Поедноставената формула дека после секои избори победничка партија треба да биде ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ, отстапува пред поразителната слика за овие две партии од нивните последни митинзи, односно, од нивниот страв да направат собири на отворено оти знаат дека народот им го сврте грбот и е презаситен од нивното тридецениско владеење во кое само лажат, крадат и ја растураат државата.

ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ си ја кажуваа својата лажна пропагандистичка вистина по нивните медиуми и социјалните мрежи дека имале масовни собири иако посетителите беа всушност нивните редовни клиенти.

Така, на митингот на СДСМ од 8 декември 2019 беа донесени едвај околу 8 илјади. Овој податок е поразителен, ако се има предвид фактот дека секоја владеачка гарнитура кога доаѓа на власт, ја има можноста во јавната и државната администрација да изврши прераспоредување на околу 9.000 лица, сметајќи ги тука илјадниците најниски раководни шефчиња низ државата, па се до бројните функционерски именувања и назначувања. Значи, на митингот на СДСМ беа само овие лица, кои се стекнале со привилегии по доаѓањето на власт на оваа партија.

Дури, споменатите 9.000 лица не се нафатиле да донесат уште по некој член од своите потесни семејства, и на тој начин да обезбедат барем пристојна посетеност на отворен митинг од некои 20 - 30 илјади народ.

Од друга страна, истата слика и од митингот на ВМРО-ДПМНЕ од 15 декември. И на овој митинг едвај околу 8 илјади народ. Со оглед на фактот што бројката на посетеност на митинзите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се поклопува, со голема сигурност може да се каже дека митингашите од ВМРО-ДПМНЕ беа тие околу 8.000 луѓе од резервната вмровска клупа, кои своевремено со промената на власта се прераспоредени, па, сега, силно мотивирани од цврстите партиски ветувања дека со  повторното доаѓање на власт на ВМРО-ДПМНЕ, по автоматизам ќе си ги повратат раководните места во јавната и државната администрација, дојдоа да митингуваат.

Посебна приказна се и коалициските партнери на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, кои во целост се соголија пред јавноста, дека всушност и не се реални политички партии оти се виде дека не донесоа ниту по стотина членови и симпатизери. И во двете коалиции на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ има партии на речиси сите малцинства - Турци, Срби, Роми, Бошњаци и Власи, кои збирно учествуваат со околу 11 отсто од населението. Значи, партнерите на Заев и Мицкоски од малцинствата претставуваат околу 200.000, а, ваму, на митинзите не донесоа барем неколку илјади.

А на митинзите старите лаги се повторуваат во недоглед. Мицкоски врескаше дека Заев ќе одговара за грабежот. Претходно и Заев врескаше дека се ќе му одземе на Груевски и фамилијата, спомнуваше 5 милијарди евра украдени пари од власта на Груевски, но излезе едно големо ништо. Како и нивните преходници, на пример, Бранко Црвенковски на завршниот митинг на СДСМ пред изборите на легендарниот 15 септември 2002 бомбастично извика дека после 15 септември, веќе наредниот ден, односно, од 16 септември, Снежана Георгиевска, сопругата на тогашниот премиер Љубчо Георгиевски, повеќе нема да се шета со шешири на главата. Напротив, денес, и после 17 години, истите шапки дури многу поубаво и стојат на г-ѓата Георгиевска а на Љубчо никој не му го чепка натрупаното богатство. Но, и понатаму останува дилемата дали Црвенковски можеше да симнува нечии шешири, без притоа да ги скине скалповите на десетте транзициски бандити, на кои своевремено им дозволи да извршат економско злосторство врз сопствениот народ, со тоа што бесплатно си го присвоија најголемиот дел од општествениот капитал, создаван од сите работни луѓе во социјализмот?

Значи, 30 години, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ем си крадат ем се заебаваат со народот дека ќе вршеле одземање на украденото од позиција на власт. Но, било како било, се назира демонтирањето на македонскиот двопартиски систем кој опстојува три децении со истите политички актери, за разлика од сите соседни земји, каде почетните владеачки партии денеска се разбиени и заменети со нови политички субјекти. Кај народот постои согласност дека залудно се потрошени триесет години на цела една генерација од лошите власти во Македонија.

Единствена Македонија во моментот како најсилна партија со СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и која со сигурност после изборите станува парламентарна партија, знае како, храбро и решително да се бори и избори во парламентот за виталните национални и државни интереси.